Пратеничката на СДСМ Снежана Ванчева Калеска во објава на социјалните мрежи му го згреши и името и презимето и функцијата на спикерот на украинскиот парламент Руслан Стефанчук и го „прогласи“ за „привремен претседател на Украина“.

Калеска Ванчева под заедничката фотографија, по средбата со претседателот на Врховната рада Руслан Стефанчук, со кого се запознала при посета на шведскиот парламент Ригсдаг, таа погрешно напишала и име и презиме и функција и дека личноста со која ја објавува заедничката фотографија е „спикерот на украинската Врховна рада Олександар Турчинов“.

Пратеничката од СДСМ уште додава дека „тој воедно ја извршува привремено и функцијата претседател на Украина“.

Веднаш се јави Стефанчук и под нејзината објава напиша коментар и објасни дека тој не се вика Олександар Турчинов и дека не ја извршува привремено функцијата претседател на Украина.

– Драга Снежана, драго ми е што се запознавме, но моето име е Руслан Стефанчук, јас сум спикер на украинскиот парламент, а претседател на Украина е Володимир Зеленски, ѝ објасни Стефанчук на пратеничката од Македонија.

Олександар Турчинов е украински политичар, писател и свештеник, кој беше на функцијата претседател на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина до 2019 година, кој бил и спикер на украинскиот парламент и привремено ја вршел функцијата претседател на Украина во време на украинската „шарена револуција“ од 2014 година и смената на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович.

Руслан Стефанчук е актуелен претседател на Врховната рада на Украина од 2021 година.

Во врска со овој резил на пратеничката од СДСМ, на Фејсбук се огласи и поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски кој смета дека оваа ситуација не е само личен срам, туку и девалвирање на македонското Собрание во целина.

-Од дипломатските активности на пратениците на СДСМ издвојуваме уште еден “бисер” кој докажува дека нивното про-форма фотографирање за време на патувањата во странство нема политичка содржина, ниту реална корист за Македонија. Напротив. Да не му го знаеш ниту името, ниту функцијата на оној со кого се фалиш дека ти е пријател и со кого имаш блиц фотографија не е само лично бламирање, туку и девалвирање на македонското Собрание во целина. Во случајов ваквата површност е и понижувачка за Претседателот на парламентот на Украина, напиша Милошоски на Фејсбук.