Епидемијата од коронавирусот што го зафати светот не погоди сите во Македонија, работници, наставници, лекари, спортисти, вели Борко Ристовски стратешки соработник за прашања од областа на спортот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение целото соопштение:
Вирусот не избира. Секојдневно сме обземени со информациите за бројот на нови заразени, за брзината на ширењето на заразата, како и со мерките за заштита и спречување. Но, сега се потребни и мерки за заштита и спасување на македонската економија.
Вирусот и мерките очекувано влијаат и врз компаниите, падна извозот, падна потрошувачката, паднаа нарачките до компаниите, падна трговијата. Сето тоа директно негативно влијае врз работниците во македонските компании. Со пад и запирање на нивната работа, тие се пред финансиски колапс и затворање. Тоа значи затворање на фирми, затворање на продавници, на погони, и со тоа работниците, нашите работници да останат без работа.
Што можеме сите ние како граѓани? Можеме многу! Мораме да се однесуваме одговорно, како што сме одговорни за нашето и сечие здравје, да бидеме одговорни и кон нашата економија. Вирусот не избира, но Вие може да изберете. Купувајте производи создадени од наши работници, од наши компании. Купувајте македонски производи да го продолжиме економскиот живот на компаниите, да ги заштитиме работните места и платите на работниците.
Фирмите мора да опстанат, работниците мора да имаат работа, за да создаваат македонска вредност, за да плаќаат данок, за да ја одржат македонската економија. За да има повеќе и за нив и за сите нас, за да има за Македонија, за да има пари да се инвестираат во науката, во културата, и секако во спортот. Сите знаеме дека без пари, без зачувана економија, нема ништо од тоа.
Македонија има шампионски капацитет, и сме го докажале тоа повеќе пати. Приклучете се сега на шампионскиот тим, купувајте македонски производи, заедно да бидеме шампиони, сега кога е најпотребно.
Купувајте македонски производи. Затоа што ја сакаме Македонија!
Борко Ристовски стратешки соработник за прашања од областа на спортот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски