Цената на електричната енергија кај домаќинствата за прв блок од 1 јануари се намалува за 4,11 проценти, за втор блок за 2,95 проценти, а се зголемува за третиот за 0,85 проценти и за четвртиот за 7,65 проценти. Намалување за 20,15 проценти има кај цената на струјата околу 70.000 микро и мали компании на регулираниот пазар. Во новата цена на струјата, што денеска ја објави Регулаторната комисија за енергетика, од 1 јануари ќе биде вклучено и зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 проценти.
-За да не се почувствува ефектот од зголемувањето на ДДВ ги намаливме цените во првиот и вториот блок. Зголемувањето на ДДВ-то во апсолутен износ е 4,72 проценти. И претходно кажувавме дека ќе бидеме креативни при носењето на нашите одлуки за да може најголем дел од домаќинствата ова зголемување на ДДВ да не го осетат и тоа го направивме со намалувањето на цена на електрична енергија во прв и во втор блок, рече на прес-конференција претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.
Образложувајќи за новата одлука на РКЕ, тој посчи дека домашното производство на електрична енергија е зголемено 26 проценти, кое дава добра основа да се донесат одлуки за цени коишто ќе бидат пред се во интерес на компаниите и на домаќинствата. Кога ги носевме овие одлуки ги земавме во предвид сигурноста и снабдувањето со електрична енергија, заштитата на животната средина, заштитата на животниот стандард на граѓаните и сигналот којшто го испратија потрошувачите и особено домаќинствата коишто е факт е дека во изминатиот период значително штедеа, наведе претседателот на РКЕ.
Според него, 99,2 проценти од домаќинствата во државата ќе имаат намалени цени на електрична енергија и ним им се компензира зголемувањето на ДДВ-то.
-Доколку продолжат домаќинствата да штедат многу мал процент ќе имаат зголемени трошоци за електрична енергија. Тоа се конкретни мерки коишто ќе им помогне на граѓаните за да им се подобри нивниот животен стандард, рече Бислимоски.
Податоците на РКЕ покажуваат дека потрошувачката на 99,2 проценти од 600 илјади домаќинства е во првиот, вториот и во третиот блок, од коишто меѓу 55 и 60 проценти целосно се во прв блок, 21 до 22 процента се во вториот, а остатокот се во третиот. Кај домаќинствата што ќе бидат во првите три блока речиси ќе нема влијание зголемувањето на ДДВ-то, тврди Бислимоски.
Според калкулациите на РКЕ во овој момент со количините на електрична енергија што се доставени од ЕВН хоум просечната цена за домаќинствата со вклучена мрежарина изнесува 98 евра за мегават час.
Цената на струјата за малите потрошувачи во скапа тарифа, која вкупно со мрежарина претходно изнесуваше 17,9 денари, од 1 јануари ќе биде 13,73 денари. Евтината тарифа претходно беше 13,51 денар, а новата цена е 10,78 денари. Таа цена, како што рече Бислимоски, ќе се применува за 70 илјади компании кои во изминатиот период се соочуваа со големи трошоци за електрична енергија. Ова е конкретна мерка што носи значително намалување на нивните трошоци за струја. Тоа се мали, микро компании, мали дуќанчиња, фризерници, берберници, мали кафулиња, компании на коишто им треба оваа помош, потенцираше Бислимоски.
Со денешната одлука на РКЕ, цената за пренос на електрична енергија се намалува за 8,66 проценти, а за дистрибуција за 19,54 проценти. Тоа, посочи Бислимоски, е дополнителна помош и за компаниите коишто се на слободниот пазар на електрична енергија затоа што нивните трошоци за мрежарина, која го вклучува преносот и дистрибуцијата се намалуваат речиси за 20 проценти.
-Она што е исто така многу битно, во изминатиот период имаше реакции дека трошокот за мрежарина е поголем од трошокот за енергија сега тоа ќе се промени поради тоа што трошокот на дистрибуција на електрична енергија за категоријата каде што се приклучени домаќинствата тоа е ЛВ2 се намалува за 20,6 проценти, рече Бислимоски.
Според него, делумно се прифатени барањата на енергетските компании и оти има фактори на корекција кои ги имплементирале во одлуката со цел да има намалување на трошоците за мрежарина. Во пресрет на денешната одлука на РКЕ МЕПСО побара зголемување на цената за пренос на електрична енергија за 29,75 отсто, „ЕВН електродистрибуција“ намалување на услугата за дистрибуција на електрична енергија за 2,8 отсто, а универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ бара зголемување за пет отсто на цената за снабдување со електрична енергија на малите потрошувачи и домаќинствата.
На 1 јануари годинава струјата поскапе за 9,48 проценти, а беше укината дневната евтина тарифа, додека останаа евтината тарифа преку ноќ и во недела. Следеше уште едно поскапување во јули од кога почна да се применува новиот систем за пресметка на потрошената електрична енергија за кој се пресметуваат нови цени во четири блокови.