Основачот на компанијата Тесла, Илон Маск и канадската пејачка Грајмс, го добија своето прво дете, но таа се приклучи кон родителите кои одбираат да ги одгледуваат децата на т.н. родово неутрален начин.

Некои родители не ги прифаќаат традиционалните начини, како што е облекувањето на девојчињата во розово, а момчињата во сино. Наместо тоа, тие сакаат децата сами да го направат изборот.

– Не сакам да му го одредувам полот во случај тоа да не се чувствува така во вистинскиот живот, рече Грајмс разговарајќи со обожавателите на Јутјуб уште во февруари. Нејзиното право име е Клер Буше.

Таа не сакаше да го открие полот на бебето, но Илон Маск на Твитер вчера објави дека добил син. Прашан за името на бебето, 48-годишниот милијардер напиша само: „X Æ A-12“.

Илон е во врска со канадската поп пејачка Гримс од мај 2018 година. Ова е прво дете на Грајмс, додека Маск веќе има пет деца со канадската писателка Џастин Вилсон.