Брзилската федерална полиција отвори прелиминарна истрага за можно американско мешање во претседателските избори, потврди уште вчера, на денот на изборите, главниот директор на полицијата, Андреј Родригес.
Тој наведе дека сè уште не е отворена формална полициска истрага, но дека се анализираат информациите доставени од Канцеларијата на државниот обвинител.
Постапката следеше по барање од Канцеларијата на државниот обвинител, AGU, која реагираше на извештајот на британски Гардијан. Весникот објави дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп издвоила еден милион долари за програма против таканаречената правна војна и цензура во Бразил.
Не е јасно дали овие пари веќе се исплатени или само се наменети за проектите.
Гардијан пишуваше дека бразилскиот проект е дел од поширок пакет вреден околу 177 милиони долари, наменет за програми за човекови права и демократија во неколку земји.
„Добивме поднесок од Канцеларијата на државниот обвинител со предлог за истрага на надворешно мешање. Го препративме документот до Дирекцијата за разузнавачки работи за да се започне постапката“, изјави Родригес пред новинарите во Интегрираниот центар за национална команда и контрола во Бразилија.
Тој додаде дека ова е прелиминарна постапка и дека одлуката за отворање официјална истрага сè уште не е донесена.
Побаран е коментар од американскиот Стејт департмент, но одговор сè уште не е добиен.
Освен Федералната полиција, АГУ за случајот ја информираше и Канцеларијата на главниот државен обвинител. Во поднесокот, тој наведе дека, доколку се потврдат тврдењата, финансирањето од странство за организирани напади врз бразилските институции би можело да претставува недозволиво странско мешање во внатрешните работи на земјата.
Бразилските власти сè уште не објавија кој конкретно во земјата требало да ги добие американските пари ниту дали има докази дека дел од средствата веќе стигнале до одредени организации. Токму ова треба да го разјасни прелиминарната проверка од страна на Федералната полиција.
Претседателот на Врховниот изборен суд, Касио Нунес Маркес, изјави дека во моментов нема конкретни индикации за меѓународно мешање во изборниот процес. Според него, извештаите на изборниот суд не покажуваат закана за гласачките места, опремата или самото спроведување на изборите.
Родригес, исто така, се осврна на привременото прекинување на конзуларните услуги на амбасадите на САД и Австралија од безбедносни причини. Тој рече дека нема реален ризик или конкретен елемент што би укажал на планирање напад.
Случајот доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Вашингтон и бразилските институции. Администрацијата на Трамп во последните месеци јавно го критикуваше Врховниот суд на Бразил, особено поради одлуките поврзани со социјалните медиуми и дејствијата против сојузниците на поранешниот претседател Жаир Болсонаро.
По обработката на речиси 100 проценти од гласачките ливчиња, сенаторот Флавио Болсонаро освои 47,05 проценти од гласовите во првиот круг, а актуелниот претседател Луис Инасио Лула 45,14 проценти, што е далеку над резултатите на преостанатите десет кандидати, покажаа прелиминарните податоци објавени од Бразилската изборна комисија.
Со оглед на тоа што ниту еден кандидат не освои повеќе од 50 проценти од гласовите, во вториот круг, закажан за 25 октомври, Бразилците ќе одлучат дали 80-годишниот Лула ќе освои четврти мандат или ќе биде заменет од 45-годишниот Болсонаро.
Десничарскиот сенатор е син на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, кој беше осуден на 27 години затвор за заговор за државен удар по поразот на изборите во 2022 година, потсетуваат британските медиуми.
Фото: архива




