Како што и се очекуваше ноќеска романската Влада на премиерот Флорин Циту го преживеа гласањето недоверба, предложено од левичарската опозиција, која ја обвинува за „водење на земјата во пропаст“.

Вкупно 201 пратеник гласаа за предлогот, далеку од 234-те гласа потребни за соборување на владата, што почна со работа по изборите во декември.

Социјалдемократите (ПСД), поддржани од крајната десница АУР, ја обвинуваат владата за „осиромашување на Романците со замрзнување на нивните плати и пензии“ и за „расфрлање со парите позајмени на меѓународниот пазар“.

Премиерот Циту ги негираше обвинувањата, нагласувајќи ја подготвеноста на неговата коалиција, составена од либералите и реформската партија УСР-Плус, за модернизација на земјата.

-Одвоивме рекордна сума за јавни инвестиции, 5,5 проценти од Бруто домашниот производ, рече премиерот пред пратениицте во парламентот.

Најголемиот дел од парите се наменети за изградба на автопатишта и болници, а застарената инфраструктура одврати повеќе големи компании да инвестираат во земјата во последните неколку години.

Владата, исто така, најави дека ќе ги рехабилитира домашните финансии, за што Брисел се закани дека ќе покрене постапка за прекумерен дефицит.

Романската економија, погодена сериозно од здравствената криза, во 2020 година опадна за 3,9 проценти, што е најлоша состојба од рецесијата во 2009 година.

Европската комисија и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ги зголемија своите прогнози за раст, кои сега се меѓу 5,1 и шест проценти за 2021 година.