Во 15 градови ширум Македонија, со повеќе од 40 музичари и со македонска музика, граѓаните се сплотија околу националните интереси и го прославија огромниот успех, покана за влез во НАТО и датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, соопшти СДСМ.
„ВМРО-ДПМНЕ со денови водеше организирана хајка против националните и стратешки интереси на државата, против домашната, македонска музика, против домашните македонски музичари. На крајот, не им успеа, настаните се одржаа, музиката ечеше низ цела Македонија, граѓаните прославија гордо и достоинствено.
Десетици илјади граѓани, без притисоци, без списоци и уцени како што тоа своевремено го праваше ВМРО-ДПМНЕ, слободно и по сопствена волја излегоа и прославија ширум Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ мора да се одважи и да престане со создавање поделби и сеење омраза кон граѓани и музичари. Без разлика дали тоа му се допаѓа или не на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните даваат силна поддршка за интеграциите на Македонија во НАТО и ЕУ“, се наведува во соопштението.
На крај СДСМ им се заблагодарува на сите граѓани што беа дел од синоќешните прослави и изразува благодарност до сите вклучени страни кои ги поддржаа настаните.