Зоран Заев и СДСМ со вчерашната прослава доживеаја уште еден пораз и тоа директно од народот односно граѓаните на Република Македонија. Заев уште еднаш ја потцени интелигенцијата на нашиот народ. Народот се обедини против капитулантскиот договор со кој што Зоран Заев ги исполни грчките црвени линии и прифати да го избрише вековното име Република Македонија, идентитетот, нацијата, македонската историја, културата и традицијата, истакна Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

-Нашиот народ вели колку пари – толку музика. А, бидејќи вчера беа фрлени стотици илјади евра, народни пари за прослава на промена на името, народот им порача на СДСМ: каков договор – толку публика. Па почитувани граѓани, на вчерашната дебакл – прослава имаше помалку луѓе отколку што просечен граѓанин на нашата држава собира на куќна слава или на роденденска прослава кај најблиските. Ја предупредивме власта дека залудно троши пари и дека на народот не му е дојдено до славење. Поразот и капитулацијата не може да се претворат во победа. Заев тоа не го послуша, како што не слуша и за милион други погрешни политики кои што ги спроведува. Затоа вчера го добија овој врел шамар од граѓаните, рече Арсовски и додаде:

„Овој шамар кој народот му го удри на Заев и на целиот криминален картел е резултат на несогласувањето со антидржавните политики што ја носат нашата држава кон амбисот. Еве повторно јавно прашуваме, колку скапи лекови можеа да се купат со овие пари и колку родители на своите деца ќе можеа да им ја дадат терапијата без да се грижат доколку Заев ја откажеше вчерашната дебакл – прослава? Колку пари чинеа изведувачите и организацијата на целата неуспешна прослава? Кој ќе сноси одговорност за ова што го направија? Кој ќе ја понесе одговорноста за потрошените пари на граѓаните за оваа дебакл – прослава и најважно во чиј џеб завршија овие пари? Одговорност за приватната журка на Зоран Заев со државни пари, мора да има“.

Според сите пресметки, рече Арсовски, власта за вчерашната дебакл – прослава најверојатно потрошила околу половина милион евра.

-Замислете, во 2011 година за прославата за 20 години независност на Република Македонија, настан кој сеуште е во сеќавање и драг на секој Македонец, СДСМ го бојкотираше. Во 2011 година СДСМ ја бојкотираше прославата на граѓаните, а вчера граѓаните го бојкотираа СДСМ и неговата приватна журка. Тоа уште еднаш покажува колку се зрели СДСМ да си одат од власта и колку никој не ги сака. Дополнително за илустрација, тогашната прослава која собра стотици илјади граѓани да прослават сите заедно чинеше околу 90.000 евра, транспарентно објавени трошоци од тогашната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно е дека некој од вчерашната дебакл – прослава на СДСМ дебело се офајдил, подвлече тој.

Инаку, ВМРО-ДПМНЕ денеска организира протестен марш во Кавадарци кој  стартува во 13 часот.

Протесниот марш ќе тргне од кај кружниот тек „Сашко Гешковски“ до спомен плочата и паметникот во Кавадарци посветен на формирањето на првиот комитет на ВМРО, после Солунскиот.

Свое обраќање ќе има претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.