Исланд е клучна база за безбедност во услови на зголемени тензии во регионот, изјави денес американскиот државен секретар Марко Рубио за време на посетата на Рејкјавик.

– Исланд ѝ даде можност на американската војска да демонстрира сила и преку заедничка соработка, користејќи го вашето копно, воздушен простор и води, ни обезбеди клучна база за следење на тајните активности и одвраќање на противниците од навлегување во вашата суверена територија и на територијата на нашите заеднички сојузници, посочи Рубио.

Тој наведе дека е е важно САД и Исланд да ја продолжат својата безбедносна соработка бидејќи заканите за регионот не се ограничени само на воени ризици, туку вклучуваат и економски притисок.

Рубио одговарајќи на новинарско прашање, за можен трговски договор помеѓу САД и Исланд, потенцира дека „ерата на договори за слободна трговија веројатно нема да продолжи во блиска иднина“. Тој додаде дека САД нема да потпишат нови договори за слободна трговија ниту со Исланд ниту со други држави.

Шефицата на исландската дипломатија Торгердур Катрин Гунарсдотир истакна дека Исланд има многу добри односи со САД и оти Рејкјавик сака да продолжи да ги развива.

МИА