Русија ја пофали декларацијата на Групата 20 најголеми економии, која директно не ја критикуваше Москва за нејзината агресија врз Украина и оцени дека лидерите на Самитот во Њу Делхи дејствувале во интерес на решавање на конфликтот.

Учесниците на Г-20 вчера во Њу Делхи усвоија декларација со консензус, во која не се споменува осуда за Русија за војната, но се повикуваат сите земји да не користат сила за да окупираат територија.

Имаше многу тешки преговори за прашањето на Украина. Пред сè, функционираше колективната позиција на земјите и партнерите на БРИКС. Сето тоа се одрази во избалансирана форма, изјави руската претставничка во Г20, Светлана Лукаш.

БРИКС е организација која ги обединува Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка.

Во неколку недели пред самитот овој викенд, земјите од Г-20 се мачеа да најдат консензус за конфликтот на Украина со Западот, кој побара Москва да биде повикана на одговорност за војната во Украина и Русија, која најави дека ќе блокира каква било резолуција која не ги одразува нејзините ставови.

– Ова беше еден од најтешките самити на Г-20 во речиси дваесетгодишната историја на форумот. Беа потребни речиси 20 дена за да се договори декларацијата пред самитот и пет дена овде на самото место, истакна Лукаш.

Таа, исто така, рече дека тоа не е само поради некои несогласувања на темата Украина, туку и поради разликите во ставовите за сите клучни прашања, пред се климатските промени и транзицијата кон енергетски системи со ниска потрошувачка на јаглерод.

Украинското Министерство за надворешни работи вчера оцени дека заедничката декларација на Г-20 не е „нешто што е за гордеење“ и критикуваше дека во неа не се споменува нападот на Русија врз Украина.