Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров синоќа телефонски разговарал со својот американски колега, државниот секретар Мајк Помпео за ситуацијата во Сирија и односите меѓу Москва и Вашингтон, соопшти  руското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението се наведува дека Лавров нагласил дека е потребно воздржување од било какви идни чекори во Сирија со кои се загрозува суверенитетот и територијалниот интегритет на оваа земја, пренесе Тасс.

Руското Министерство за одбрана претходно вчера го искритикува американскиот план за засилување на военото присуство во Сирија, нарекувајќи го „меѓународен државен бандитизам“ мотивиран од желбата да го заштити шверцот на нафта, а не од безбедносни причини.

Американскиот министер за одбрана Марк Еспер во петокот изјави дека САД ќе распоредат оклопни возила и единици околу сириските нафтени полиња за да спречат тие повторно да дојдат во рацете на Исламска држава, пренесоа американските медиуми.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно овој месец од североистокот на Сирија повлече околу 1.000 американски војници, по што Турција имаше отворен пат за нападот врз курдските сили во оваа земја, таканаречените Единици за заштита на народот.