– Американските власти треба да престанат да му доставуваат оружје на режимот во Киев. Тоа допринесува до поголем број жртви, се наведува во соопштението на руската амбасада во САД.

Соопштението е реакција на изјавата на американската потсекретарка за контрола на вооружувањето и меѓународна безбедност, Бони Џенкинс, околу заканите од неексплодирани бојни средства, што наводно, ги оставиле руските вооружени сили на територијата на Украина, појаснуваат медиуми.

– Таквите обвинувања изгледаат апсурдно во позадина на американското снабдување на режимот во Киев, што е во тек, со смртоносно оружје. Во оружјето што САД му го доставија на киевскиот режим, има и МАНПАДС рачни противавионски ракетни системи и АТГМ рачни противтенковски ракетни фрлачи што украинските вооружени сили и националните баталјони ги оставаат зад себе на теренот во големи количини, пишува во соопштението на руската амбасада во САД.

Се истакнува и дека посебно е загрижувачка одлуката, украинските власти да им го поделат американското оружје на радикалите и на поранешни криминалци, кои се придружиле на силите за територијална одбрана.

– Повикуваме Вашингтон да престане да внесува смртоносно оружје во Украина. САД се тие што предизвикуваат раст на бројот на жртви, се тврди во соопштението.