Создавачите на руската вакцина „Спутник V“ побараа извинување од претседателот на Европската агенција за лекови (ЕМА), претставничката на австриската здравствена агенција Криста Виртумер-Хохе за споредување на можноста за итно одобрување на вакцината со „руски рулет“, пренесува ТАСС, повикувајќи се на објава на Твитер.

„Ние сакаме јавно извинување од Криста Виртумер-Хохе од ЕМА за нејзините негативни коментари за земјите од ЕУ кои директно го поддржуваат ,Спутник V`. Нејзините коментари покренуваат сериозни прашања за можно политичко мешање во истражувачкиот процес. ЕМА не даде такви изјави во врска со друга вакцина. Ваквите коментари се несоодветни и ја поткопуваат довербата во агенцијата и во самиот процес на верификација“, се вели во соопштението.

Претходно Виртумер-Хохе на австрискиот телевизиски канал ОРФ ја спореди можноста за итно одобрување на „Спутник V“ во Австрија, како што беше направено во Унгарија, со рускиот рулет.

На 4 март, ЕМА го објави почетокот на постапката за последователно тестирање на вакцината „Спутник V“ . Регулаторот на ЕУ рече дека за време на студијата, експертите ќе ја проценат усогласеноста на лекот со стандардите на ЕУ во однос на ефикасноста, безбедноста и квалитетот.

Голем број земји од ЕУ веќе ја одобрија употребата на „Спутник V“ индивидуално, без да чекаат за европска регистрација на вакцината од страна на ЕМА. Вакцината во моментов е регистрирана во Унгарија и Словачка.

„Спутник V“ е на второ место меѓу вакцините според бројот на одобренија за употреба од страна на државните регулатори. Ефикасноста на „Спутник V“ е 91,6 проценти, што е потврдено со објавувањето на податоците во „Лансет“. Таа е една од трите вакцини во светот со над 90 проценти ефикасност. Вакцината обезбедува целосна заштита од тешки случаи на инфекција со коронавирус. Вакцината е регистрирана во 46 земји.