Поранешната кандидатка за претседател на Белорусија, Светлана Тихановскаја има намера да ги посети САД и се надева дека ќе се сретне со претседателот Џо Бајден.

– Контактираме со Вашингтон, разговараме и слушнавме силна порака од Џо Бајден откако беше избран, рече Тихановскаја.

Таа истакна дека Соединетите Американски Држави веќе посветуваат внимание на Белорусија и додаде дека земјата „го поддржува движењето на Белорусија кон демократија“ и дека веќе „донекаде учествува“ во решавањето на кризата.

Според неа, постои надеж за организирање посета на Вашингтон, иако пандемијата на Ковид-19 е проблем.

Сепак, Тихановскаја не ги прецизираше потенцијалните датуми на патување, но додаде дека се надева дека ќе се сретне со американскиот претседател за време на посетата.

Таа исто така изрази желба што побрзо да се врати во Белорусија. Како што рече, се надева дека тоа ќе се случи во наредните месеци.

– Нашата цел е да се одржат нови избори во септември или октомври, додаде таа.

Тихановскаја, која во моментов е во Швајцарија, исто така рече дека има намера да се сретне со претставници на Обединетите нации, Европската унија и организациите кои се занимаваат со човекови права.