Компанијата Газпром ја прекина испораката на гас од Северен тек поради дефект на турбината.

Како што се наведува, прекинот на испораката на гас ќе трае додека не се поправи дефектот на турбината, пренесува Дејли мејл.

Овој гасовод, кој минува под Балтичкото Море и ја снабдува Германија и другите земји, работеше со капацитет од 20 отсто пред целосното затворање.

Русија е втор најголем извозник на нафта во светот по Саудиска Арабија и најголем светски извозник на природен гас.

Европа увезува околу 40 отсто од својот гас и 30 отсто од нафтата од Русија, а рускиот претседател Владимир Путин веќе е обвинет за „енергетска уцена“ со задушување на протокот на природен гас во Германија преку доводот Северен тек.

ЕУ соопшти дека Русија прибегнува кон енергетска уцена, додека Кремљ рече дека прекините се предизвикани од проблеми со одржувањето и ефектот на западните санкции.

Портпаролот на ЕУ, Ерик Мамер на Твитер објави дека одлуката на Газпром утре да не дистрибуира гас до ЕУ е донесена „под лажни изговори“.

– Овој потег потврдува дека Газпром е несигурен снабдувач, напиша Мамер.

Тој додаде дека континуираните намалувања на снабдувањето со гас се „доказ за рускиот цинизам“.

– Русија попрво би го запалила гас отколку да ги почитува договорите, наведе Мамер, алудирајќи на минатонеделната анализа која откри дека наводно Русија согорува големи количини гас во еден од нејзините капацитети наместо да го користи за договорени испораки.

Руската компанија Газпром денеска најави дека утре нема да дистрибуира гас кон Европска Унија преку гасоводот Северен тек 1.

Во соопштението на Газпром се наведува дека утре нема да биде пуштен гасот поради истекување на масло од турбинскиот мотор. Но, компанијата не наведе кога гасот повторно би можел да потече кон Европа преку Северен тек (поток) 1.

Газпром пред неколку денови ја стопира испораката на гас преку Северен поток 1 поради ремонт и беше најавено дека утре ќе биде обновена доставата на гасот.