Рускиот претседател Владимир Путин на Твитер следи само 22 профила, а некои од нив нема никого да изненадат, како на пример што се платформите РТ и Сутник, како и Министерството за надворешни работи на Русија.

Но, меѓу тие што ги следи Путин се профилите на Арнолд Шварценегер, Илон Маск, Барак Обама, Јенс Столтенберг и Борис Џонсон.

Вонредниот професор од Универзитетот во Мелбурн Вилијам Партлет се обиде да ја објасни ваквата листа. Верува дека со профилот на Путин најверојатно управуваат неговите соработници, но и тој самиот.

– Повеќето луѓе се склони да мислат дека тој не минува време на интернет, а ако го минува, тоа е многу малку време. Проблемот со инвазијата на Украина е тоа што тој е толку изолиран од информации па веруваше дека инвазијата ќе биде готова за два до три дена, а сега веќе влегуваме во четвртата недела, вели Партлет за „Њус ком ау“.

Иако другите платформи како Фејсбук и Инстаграм се повеќе популарни од Твитер во Русија, тој се користи како дел од информациската стратегија на Кремљ.

– Според нивното сфаќање, Твитер го користат луѓе од Западот за објавување информации. Очигледно е на англиски јазик, па не е толку фокусиран на руската заедница. Колку што гледам, профилот на Путин е само начин за исфрлање информации, вели Партлет.

Преку Твитер се обидуваат да видат колку можат да влијаат на Западот, а со следењето на Маск и западните политичари се настојува да се прикаже полегитимно на западната публика, смета професорот.