Руските банки загубија вкупно 1,5 трилиони рубљи (24,95 милијарди долари) во првите шест месеци од оваа година, изјави денеска висок функционер на руската централна банка за деловниот весник РБЦ.
Приближно две третини од загубите на банките се однесуваат на девизното работење, изјави Дмитриј Тулин, првиот заменик-гувернер на Руската централна банка.
Тоа е првпат од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари оваа година, рускиот регулатор да објави податоци за резултатите од банкарскиот сектор.
Тулин рече дека има „шанса поголема од 50 проценти“ загубите во цела 2022 година да не надминат 1,5 трилиони рубљи од првата половина.
Како што истакна, загубите се концентрирани кај најголемите банки.
Институциите кои работеле со загуба забележаа вкупна загуба од 1,9 трилиони рубљи (31,60 милијарди долари), додека профитабилните кредитори остварија вкупен профит од 400 милијарди рубљи (6,65 милијарди долари).
Централната банка не очекува повторување на банкарската криза од 2014-2017 година кога регулаторот беше принуден да спаси неколку кредитори и им ги укина банкарските лиценци на стотици лошо капитализирани банки, рече Тулин во интервју за весникот РБЦ.