Руското Министерство за надворешни работи денеска ги отфрли тврдењата на Велика Британија дека Русија се обидува да ја замени украинската влада со промосковска администрација и оти размислува за поранешниот украински пратеник Евгениј Мураев како потенцијален кандидат.
– Дезинформациите објавени од британското Министерство за надворешни работи се доказ дека членките на НАТО кои се предводени од англосаксонците се тие кои ги зголемуваат тензиите околу Украина. Го повикуваме британското Министерство да престане со провокативните активности и да престане да шири бесмислици, изјави портпаролката на руското Министерство Марија Захарова на Телеграм.
Министерството за надворешни работи на Велика Британија наброја уште неколку украински политичари за кои се наведува дека се поврзани со руските разузнавачки служби, заедно со Мураев, лидерот на малата проруска партија Наши, која во моментов нема пратеници во украинскиот Парламент.
Британската влада го изнесе тврдењето врз основа на разузнавачка проценка, без да обезбеди докази за да го поддржи тоа.
Овие обвинувања доаѓаат во време на затегнати односи меѓу Русија и западните земји поради распоредување руски војници на украинската граница и можна инвазија.
Западот ја обвинува Русија дека распоредила десетици илјади војници на границата со Украина со намера да изврши напад врз земјата.
Кремљ негира какви било воени намери, но смирувањето на ситуацијата го условува со договори кои ќе гарантираат непроширување на НАТО, особено кон Украина, и повлекување на Алијансата од Источна Европа.
Западот вели дека тоа е неприфатливо и ѝ се заканува на Русија со тешки санкции доколку ја нападне Украина.