Обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска издала наредба до Бирото за јавни набавки за да ја добие целокупната документација за 19-те изградени монтажни болници во земјава, откако министерот за здравство Венко Филипче ги повика истражните органи да ги истражат јавните набавки.

Ова е сосема одделна истрага од онаа што го вршат петтемина основни јавни обвинители кои уште вршат увид по синоќешната катастрофа во Тетово.

Тетовската болница изгоре за неколку минути, а од ист материјал се направени и останатите 18.

Министерството за здравство и инвеститорите денеска преку соопштенија гарантираа дека сè е изградено по проект, по највисоки медицински и безбедносни стандарди.

Филипче рече дека поставувањето на центрите е под строга контрола и во согласност со Светска банка која го поддржа проектот и апелираше да не се создава недоверба кон модуларните болници кои спасуваат животи во ковидкризата.

„Оној дел од работите кои беа наша одговорност при изградбата на монтажните Ковид-центри, се реализирани согласно сите најсовремени стандарди за безбедност и квалитет“, кажа денеска компанијата „Брако“ која е испорачувач на монтажните префабрикувани контејнери.