Шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска почнала да собира податоци за софтверот за сообраќајни прекршоци што го набавил поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски.

„Потпишав повеќе наредби за да се собере документацијата, и од Владата и од други институции. Вчера беше оформен предметот. Рано е да се каже дали и кое кривично дело е во прашање. Не е проблем што Рашковски не е тука, ние имаме други тековни активности кои мора да ги завршиме, рано е за распити“, изјавила Русковска.

Во рок од две недели од секретаријатот, каде што претходно работеше Рашковски ќе треба да ги достават побараните документи. Истражителите собираат податоци и за Инвока груп- фирмата која го изработила софтверот. Тоа што Рашковски во моментов е во Мексико, не е проблем за предистрагата во кој се утврдува дали имало кривично дело поврзано со тендерот.

Рашковски синоќа порача дека вистината за набавката на софтверот треба да ја откријат институциите.