Американскиот министер за одбрана Лојд Остин неодамна беше опериран од рак на простата, а подоцна беше хоспитализиран за лекување на инфекција на уринарниот тракт поврзана со операцијата, изјавија во вторникот неговите лекари, за што Белата куќа не беше информирана.

Откривањето на ракот дава одговор на главното прашање за хоспитализацијата на Остин, која засега е осум дена. Но, тоа може само да ги зголеми прашањата за одговорност, бидејќи претседателот Џо Бајден дозна за дијагнозата во вторникот, иако таа била поставена пред околу еден месец.

„Никој во Белата куќа до утрово не знаеше дека секретарот Остин има рак на простата. А, претседателот беше информиран веднаш потоа“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.

Остин разговараше со Бајден во саботата, истиот ден кога тој издаде соопштение во кое вели дека можел подобро да постапи и да ја извести јавноста дека бил во болница, но во тој телефонски разговор не му кажал на претседателот дека има рак.

Остин (70) беше примен во Националниот воен медицински центар Волтер Рид на 22 декември и беше опериран за отстранување на ракот. Една недела подоцна добил инфекција. На Бајден и на другите високи претставници на администрацијата со денови не им беше кажано за неговата хоспитализација или за болеста.

Според лекарите, ракот бил откриен кога Остин имал редовен општ преглед на почетокот на декември. Тие рекоа дека тој „претпрел минимално инвазивна хируршка процедура“ и отишол дома следниот ден. Но, на 1 јануари пријавил мачнина и силни болки од инфекцијата и се вратил во болница.

Лекарите велат дека неговиот рак на простата бил рано откриен и дека прогнозата е одлична.

Откритието за ракот доаѓа по неколкудневни постојани прашања за хоспитализацијата на Остин и доцнење во известувањето на клучните лидери. Недостигот на транспарентност околу хоспитализацијата на Остин, вклучително и пропустот да им се каже тоа на Бајден и другите високи функционери со денови, предизвика остри критики.

Неколку опозициски републикански пратеници дури рекоа дека Остин треба да биде сменет.

Сè уште не е јасно како болеста ќе влијае на работата и патувањата на Остин.

Фото: МИА архива