САД следната 2022 година ќе примат 125.000 бегалци, двојно повеќе од оваа година, за „да одговорат на потребите што ги поставуваат светските хуманитарни кризи“, соопшти денеска Стејт департментот.

Џо Бајден предизвика мала полемика во април кога одби да ја зголеми историски ниската граница за прием на бегалци – 15.000 луѓе, што ја постави неговиот претходник Доналд Трамп.

Мандатот на републиканскиот претседател беше означен од борбата против имиграцијата, легалната и нелегалната.

По критиките од неговите демократи, Бајден во мај го зголеми „плафонот“ на 62.500 лица со статус на бегалец, кои оваа година ќе можат да имигрираат на територијата на САД.

На овој начин,  тој го исполнува своето предизборно ветување за удвојување на бројката за даночната 2022 година, што почнува на 1 октомври, а ќе биде прва целосна даночна година од неговиот мандат.

Програмата се однесува само за бегалци од камповите на ОН ширум светот, кои се избрани од американските безбедносни и разузнавачки агенции по долгогодишно проучување на нивните тврдења, и главно се постари лица, вдовици и инвалиди.

Бајден во февруари истакна дека членовите на ЛГБТ заедницата, исто така, се вклучени во програмата.

Информацијата доаѓа во време кога САД евакуираа десетици илјади авганистански цивили како дел од повлекувањето на американската војска од Авганистан, што заврши на 30 август.

Според податоците на Обединетите нации, САД со години примаат повеќе бегалци отколку сите земји заедно, но Канада ги надмина во 2019 година примајќи над 30.000 бегалци.

Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) наведува дека во 2020 година, бројот на бегалци, внатрешно раселени лица и баратели на азил во светот достигнал рекордни 82,4 милиони.