И покрај претрпените загуби, руската владеачка партија „Единствена Русија“, постигна јасна победа на парламентарните избори во Русија, јавува ДПА.

По пребројувањето на сите гласачки ливчиња, партијата освои 49,8 проценти од гласовите, соопшти денеска во Москва руската Централна изборна комисија.

Комунистите се втори со освоени 18,9 проценти од гласовите, десните популисти на Либерално-демократската партија на Русија (ЛДПР) на ултра-националистот Владимир Жириновски освоија 7,5 проценти и партијата Правична Русија има 7,4 проценти.

Новата руска партија „Нови луѓе“, исто така, го надмина цензусот од пет проценти и во својот прв обид успеа да влезе во парламентот со поддршка од 5,3 проценти од гласовите.

Владеачката партија претрпе загуби во споредба со минатите избори од пред пет години. Во тоа време „Единствена Русија“ освои 54,2 проценти од гласовите. Комунистите остварија значителни придобивки откако пред пет годинии имаа само 13,35 проценти, пренбесува ДПА.

Сите партии застапени во новата Државна Дума се сметаат за блиски до Кремљ.

ЦИК не ги прими кандидатурите на опозицијата, предводени од затворениот Алексеј Навални. Неговиот тим зборуваше за масовна изборна измама, а независните набљудувачи наведоа илјадници прекршувања на изборниот процес.