САД сметаат дека јеменските Хути ја пропуштиле најважната можност да ја покажат својата посветеност на мирот одбивајќи да се сретнат со посредникот на Обединетите нации во Оман.

– На преговарачка маса е предлог за праведен договор што ќе донесе мир кај јеменскиот народ, а Хутите ја пропуштија најважната можност да ја покажат својата посветеност на мирот и напредокот одбивајќи да се сретнат со специјалниот претставник на ОН во Мускат, особено откако јеменската Влада изрази подготвеност за постигнување договор за ставање крај на конфликтот, соопшти Стејт департментот.

САД ги обвинија Хутите и за влошување на хуманитарната криза во Јемен напаѓајќи го градот Мариб, последното северно упориште на владата поддржано од Саудиска Арабија.

Откако ја презеде функцијата во јануари, американскиот претседател Џо Бајден го направи Јемен еден од приоритетите на неговата администрација и го назначи Тимоти Ландеркинг за свој специјален пратеник за да помогне во заживување на застојот на мировните напори на Обединетите нации.

Ландеркинг завчера се врати од посетите на Саудиска Арабија, Оман и Јордан, при што се состана со медијаторот на ОН, Мартин Грифитс, кој го информираше дека преговорите за постигнување мирно решение не се одвиваат според планираното.

Воена коалиција предводена од Саудиска Арабија интервенираше во Јемен во 2015 година откако бунтовниците Хути ја протераа владата од главниот град Сана.