Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Маас, синоќа го поздрави договорот меѓу Германија и САД за гасоводот „Северен тек 2“, на кој Вашингтон веќе долго време се спротивставуваше.
„Ми олесна што со САД најдовме конструктивно решение во врска со „Северен тек 2 ““, напиша Маас на Твитер.
„Ние ќе и помогнеме на Украина да изгради сектор за зелена енергија и ќе работиме на обезбедување транзит на гасот преку Украина во следната деценија“, додаде тој.
САД и Германија вчера постигнаа договор за рускиот гасовод „Северен тек 2“, ставајќи крај на несогласувањата околу ова прашање, јави „Вашингтон пост“.
Според договорот, Германија се согласи да инвестира во инфраструктура за украинската зелена технологија, а САД се согласија да ги прекинат своите напори за блокирање на гасоводот, пишува весникот.
Критичарите на проектот за гасоводот „Северен тек 2“ сметаат дека тоа е руски геополитички проект што ја загрозува европската енергетска безбедност. Тие, исто така, посочуваат дека гасоводот може да им наштети на интересите на Украина. Киев зависи од милијардите што ги прави преку наплаќањето транзитна такса на рускиот гас.
Оние кои го поддржуваат гасоводот, пак, ја обвинуваат САД дека сака да продаде свој, поскап гас во Европа.