Гувернерот на Минесота, Тим Волц синоќа ја активирал Националната гарда поради насилните протести во Минеаполис по смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд при апсење.

Протестите почнаа во средата, а гневните демонстранти ограбувале продавници и уништувале се пред нив.

Градоначалникот Џејкоб Фреј побарал од гувернерот Волц да испрати воени единици.

Гувернерот повика на мир, истакнувајќи дека насилството претставува „исклучително опасна ситуација“ и побара од луѓето да се разотидат.

Протестите избија по смртта на Џорџ Флојд, кој наводно починал од задушување откако полицаец се обидел да го уапси и со коленото му го притиснал вратот.

Канцеларијата на американскиот јавен обвинител и Федералното истражно биро (ФБИ) во Минеаполис соопштија дека спроведуваат кривична истрага за смртта на Флојд.