Ѕвездата на Лос Анџелес Галакси, Златан Ибрахимовиќ, беше поштеден од страна на Дисциплинската комисија на МЛС. Шведскиот напаѓач сериозно повреди ривалски фудбалер во градското дерби со ФК Лос Анџелес пред неколку дена, но не доби никаква казна.

Настраданиот Мохамед Ел Мунир беше удрен со лакт во главата, што резултира со скршена коска и се наметна операција. Дефанзивецот сигурно ќе биде надвор од теренот најмалку 4 недели.

Ибра и претходно дејствувал на сличен начин против ривалите. Во овој случај, тој дури и не доби жолт картон, но во социјалните мрежи потсетија на времето кога играше во Манчестер Јунајтед, кога за истиот потег, шведскиот напаѓач беше избркан со црвен картон, а потоа беше дополнително казнет.

Триесет и седум-годишниот поранешен шведски репрезентативец има договор со Л.А. Галакси до зимата. Од почетокот на сезоната тој одигра 17 натпревари во кои постигна 16 гола.