Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс на прес-конференција рече дека руските дипломати можат да поднесат барање за продолжување на визите и дека барањата се разгледуваат од случај до случај.
„Информациите на рускиот амбасадор во Соединетите Американски Држави Анатолиј Антонов, кој рече дека Вашингтон побарал од 24 руски дипломати да ја напуштат земјата до 3 септември, по истекот на визите, не се точни, соопшти Стејт департментот.
Амбасадорот Анатолиј Антонов не кажа дали барањето на САД е предизвикано од некој посебен спор. „Речиси сите ќе заминат без замена, бидејќи Вашингтон нагло ги заостри визните процедури“, рече Антонов во интервју за списанието „Нешнл интерест“ (National Interest) објавено во неделата.
Односите меѓу Москва и Вашингтон дополнително се влошија откако американскиот претседател Џо Бајден изјави дека верува оти „рускиот претседател Владимир Путин е убиец“. Тензиите се намалија по разговорите меѓу Бајден и Путин на 16 јуни, што доведе до враќање на инвестициите од страна на некои странски инвеститори во државни обврзници на Русија.
– Се надеваме дека здравиот разум ќе надвладее и дека ќе можеме да го нормализираме животот на руските и американските дипломати во САД и Русија по принципот на реципроцитет, рече Антонов.
Тој исто така изрази надеж дека ќе продолжи неодамна започнатиот дијалог меѓу САД и Русија за кибер безбедност.
– Можеме да разговараме за теми од кибер закани до системи за контрола на оружје, додаде Антонов.