Шефицата на Обвинителството во Босна и Хергцеговина, Дијана Кајмаковиќ, е санкционирана од САД поради континуирани обиди за поткопување на демократијата и владеењето на правото во земјата, но и поради корупциски скандали, потврдија синоќа од Стејт департментот.
Лицата ставени на црната листа на Вашингтон не смеат да патуваат во САД и им се замрзнува имотот во земјата, забраната се распространува и на најблиските роднини.
-Кога се работи за Западен Балкан, една од целите е работа со владите и со народите од регионот за таргетирање, отстранување и искоренување на корупцијата. Санкциите се еден важен инструмент во реализиација на тоа, изјави портпаролот Нед Прајс.
Тој додаде дека санкциите објавени од американското Министерство за правда се однесуваат на државен јавен обвинител кој се ангажирал во чинови на корупција.
-И покрај обврските на избегнување малверзации во извршувањето на обвинителската должност, Дијана Кајмаковиќ е флагрантен пример на корумпиран државен обвинител на Босна и Херцеговина, поврзан со криминални организации, се вели во соопштението од Министерсвото.
По доаѓањето на Џо Бајден на власт, американските институции по четврти пат преземаат мерки насочени против лица кои, меѓу другото, се одговорни или учествувале во корупција или поткопување на демократските процеси или институции во Западен Балкан.