Владата на американскиот претседател Џо Бајден одлучи да скрати 130 милиони долари воена помош за Египет поради неуспех на земјата на полето на заштита на човековите права. Ова го потврдија американски официјални лица, со тоа што Владата во Каиро сепак ќе добие одреден дел од американскиот пакет помош поради намалување на бројот на политички затвореници.

Американскиот министер за надворешни работи, Ентони Блинкен потврди дека Египет сепак направил одредени чекори во поглед на политичката слобода, така што неодамна ослободил над стотина лица. Меѓутоа, десниот дел на Конгресот и нивните гласачи бараат на земјата да ѝ се скратат 300 милиони долари, договорени под услови на американското претставничко тело.

Противниците за праќање помош на Египет, истакнуваат бројни случаи на кршење на човекови права низ земјата. Меѓу другото, мачење и исчезнување на лица.

Износот што Блинкен одлучи да се скрати изнесува 10 отсто од 1,3 милијарди долари колку што годишно се издвојува за земјата во североисточниот дел на Африка. Правници во Министерството за надворешни работи утврдија дека 10 отсто е најголем дел од помошта што може да му се скрати на Каиро во 2022 година.

Меѓутоа, Вашингтон сепак ќе му испрати на Египет 75 милиони долари благодарение на позитивното поместување, намалувањето на бројот на политички затвореници што годинава е помал за 500, колку што се пуштени од затвор.

Покрај тоа, Каиро ќе добие уште 95 милиони долари наменети за борба против тероризмот и зајакнување на безбедноста на границите, со оглед на тоа што помошта во наведените подрачја не е условена со оценката за состојбата на човековите права.

Сет Биндер, директор на „Проектот за демократија на Блискиот Исток“, кампања со седиште во САД, напомена дена американските тврдења за состојбата во Египет се побиени со континуираното затворање на политички противници.

– Од една страна, му праќаме порака на Абдел Фатах ал-Сиси дека неговото непочитување на нашите барања за заштита на човековите права ќе има чувствително влијание на нашите односи, а од друга, испраќаме збунувачки пораки со тоа што прогласуваме напредок таму каде го нема, изјави Биндер.

Сиси ги негира обвинувањата за политички затвореници во својата земја. Како што тој тврди, стабилноста и сигурноста се на врвот на приоритетите на неговата влада. На граѓаните се обидувал да им обезбеди основни потреби како што се вработување и домување, со што, истакнува египетскиот претседател, се промовираат нивните права.

Аналитичари сметаат дека западните сили немаат волја да преземат посериозни чекори против стратешкиот партнер што ја зеде улогата на посредник во долготрајниот арапско-израелски конфликт. Освен тоа, Египет го контролира Суецкиот канал што е од голема важност за сите светски бродови.