Универзитетот Нотрдам во САД соопшти дека ќе ги покрие муралите на оваа католичка образовна установа, кои го прикажуваат пристигнувањето на Кристофер Колумбо во Америка.

Тоа следи по критиките дека тие се навредливи и понижувачки кон домородните Американци.

Се работи за 12 мурали на Луис Григори од 1880-те каде што се прикажани доселениците кои дошле во САД во периодот на антикатоличкото расположение во Европа, но и ја прикриваат другата страна: експлоатацијата и репресијата над домородните Американци, смета свештеникот Џон Џенкис, претседател на Нотрдам.

– Ова е темната страна на приказната којашто мора да се признае, нагласи тој во официјалното соопштение.

Тој исто така најави дека муралите кои се насликани на ѕидовите на главната зграда на овој католички универзитет во Индијана, ќе бидат покриени, но ќе можат да се погледнат во посебни прилики.

Во 2017 година, повеќе од 300 сегашни и поранешни студенти и вработени во Нотрдам потпишаа писмо коешто беше објавено и во универзитетскиот весник и кое повикува на отстранување на муралите.

Универзитетот Нотрдам е меѓу врвните истражувачки институции во САД и е познат по својата златна купола на главната зграда.