Американскиот Конгресот изгласа официјално укинување на привилегираниот трговски статус на Русија и Белорусија како одговор на војната во Украина, отворајќи го патот за воведување казнени тарифи за производи од двете земји.

Американскиот претседател Џо Бајден, во координација со неговите европски сојузници, ја објави мерката минатиот месец со цел понатамошна изолација на Русија од светската сцена, но мерката мораше да биде одобрена од Претставничкиот дом и американскиот Сенат.

Мерката силно ја поддржаа двете партии во двата дома на Конгресот.

Со укинување на статусот на Русија како привилегирана нација, основниот принцип на реципроцитет во слободната трговија, Западот де факто ќе ја отсече Русија од светската слободна трговија со право да воведе високи царини за увезените руски производи.

Што се однесува до САД, само уште две земји во моментов се исклучени од овој режим на реципроцитет, кој е основен елемент на меѓународните трговски односи – Куба и Северна Кореја.

Минатата година САД увезле руски производи за околу 30 милијарди долари, од кои 17,5 милијарди биле за нафта. Вашингтон сега воведе ембарго за увоз на нафта.

Американското Министерство за финансии вчера соопшти дека вовело санкции за уште две компании кои се под контрола на руската држава.

Санкционирани се рускиот рударски гигант Алроса, кој претставува 90 отсто од дијамантите извадени во Русија и 28 отсто од светскиот пазар, како и Јунајдет Шипбилдинг Корпорејшн (United Shipbuilding Corporation-USC), главниот руски бродоградител, кој ги гради речиси сите воени бродови во земјата, соопшти американското Министерство за финансии.

Овие мерки на САД ги зајакнуваат санкциите на западните земји донесени во последните недели, чија цел е постепено прекинување на економските и финансиските врски меѓу Русија и остатокот од светот.