Фирма на косовски Србин, регистрирана во Бугарија, е меѓу компаниите санкционирани од САД во рамките на новите активности согласно глобалниот закон „Магнитски“, се наведува во соопштението на американското Министерството за финансии.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, санкциите се насочени против криминална група активна на северот на Косово, а предводена од браќата Звонко и Жарко Веселиновиќ.

Според САД, со поткупи тие спроведувале шверц на стока, дрога и оружје од Србија во Косово.

Групата на Веселиновиќ, исто така, обезбедувала средства за политичари и партии во замена за услуги. Нејзините членови се меѓу обвинетите за убиството на локалниот српски политичар Оливер Ивановиќ во Косовска Митровица на почетокот на 2018 година.

Меѓу опфатените со законот „Магнитски“ е и влијателниот косовски Србин, Милан Радојичиќ, кој ја поседува или контролира, според списокот за санкции, фирмата „Гарац инженеринг“ ООД, регистрирана во Бугарија.