Белата куќа изрази длабоко разочарување од критиките на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кон САД поради тензиите меѓу двата сојузника во врска со израелската војна во Газа.
Одговорот на Белата куќа е упатен по состанокот меѓу советникот за национална безбедност Џејк Саливан и двајца од главните соработници на Нетанјаху на разговори за конфликтот во Газа.
Во вторникот, Нетанјаху објави видео на англиски јазик во кое објаснува за разговор со американскиот државен секретар Антони Блинкен, кој, според израелскиот премиер, му дал збор дека администрацијата на претседателот Џо Бајден работи на отстранување на ограничувањата на снабдување со оружје за Израел. Но, највисокиот американски дипломат одби да го потврди тоа.
Продолжувајќи да ја изложува содржината на неговиот разговор со Блинкен, Нетанјаху додаде дека негирањето на испораките на оружје и муниција за Израел во последните неколку месеци го нарекол „неразбирливо“.
Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби се осврна на овие коментари на брифинг со новинарите, нагласувајќи дека САД го изразиле своето незадоволство од Израел.
„Мислам дека многу јасно и недвосмислено им го пренесовме на нашите израелски колеги нашето длабоко разочарување од изјавите дадени во тоа видео, како и нашата загриженост за точноста на дадените изјави“, рече Кирби.
„Тврдењата дека сме престанале да му помагаме на Израел за нивните одбранбени потреби се целосно лажни“, рече тој.
Државниот секретар Блинкен рече дека нема пречки во испораката на оружје за Израел, кој се соочува со безбедносни предизвици надвор од Газа, како Хезболах и Иран. Но, тој одби да го коментира разговорот со израелскиот премиер пред три дена.