Градските власти на Вашингтон соопштија дека „празникот на Кристофер Колумбо“, првиот европски колонизатор, кој стигна во Америка и чии критичари ги осудуваат сторените злосторства, ќе го заменат со прослава на американските Индијанци, пишува Бета.

Денот на Колумбо официјално стана федерален празник во 1937 година и „покрај фактот што Колумбо не ја откри Северна Америка, дека во време на неговото доаѓање во Северна Америка веќе живееле милиони луѓе и дека тој никогаш не стапнал на брегот на денешните САД, изјави локалниот претставник Дејвид Гросо образложувајќи ја одлуката.

Гросо наведе дека морепловецот од Џенова „испратил во ропство, колонизирал, осакатил и масакрирал илјадници и илјадници Индијанци во Америките“.

Повеќе американски сојузни држави, како Мејн, Вермонт, Њу Мексико и Хаваи, како и повеќе од сто града веќе го „преименувале“ октомврискиот празник во чест на автохтоните заедници.

– Оваа промена е можност за подигнување на свеста за единствената и богата историја на оваа земја, која е блиску поврзана со првите народи кои живееја во неа и која е постара од патувањата на Кристофер Колумбо, соопшти Националниот конгрес на американските Индијанци.

Одлуката на градот Вашингтон сепак сите не ја прифатија добро. Од Федерацијата на Италоамериканците ја оценија како „презирна, вознемирувачка и раздорна“ и апелираа до американската престолнина „повторно да ја разгледаат“ промената на празникот што го слават „повеќе од 20 милиони Италоамериканци“.

Според податоците, првата средба на европските колонизатори и индијанското племе Накочтанк, кое живееше на просторот на денешен Вашингтон, се случи во 1608 година. Во текот на следните 40 години исчезнаа три четвртини од автохтоното население, како жртви на болестите што ги донесоа Европејците или поради војната со колонизаторите.