САД воведоа санкции за компанијата Трансадриа, која е вклучена во проектот за гасоводот Северен тек 2, и нејзин брод, соопшти американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Стејт департментот поднесе извештај до Конгресот во кој се наведува дека се воведени санкции против два брода и Трансадриа, рече Блинкен, без да даде детали за другиот брод.

– Додека администрацијата продолжува да се спротивставува на гасоводот Северен тек 2, вклучително и преку санкции, ние продолжуваме да работиме со Германија и другите сојузници и партнери за да го намалиме ризикот од гасоводот за Украина, како и за членките на НАТО и ЕУ во првите редови. Ќе одговориме на штетните руски активности, вклучително и во енергетската сфера, рече Блинкен.

Вашингтон се противи на гасоводот од 11 милијарди долари, кој ќе и овозможи на Москва да ја заобиколи Украина и да извезува гас директно во Германија. Најсилните критичари на проектот се Украина, Полска и балтичките земји на ЕУ, кои велат дека Европа ќе стане позависна од Владимир Путин, додека некои европски влади велат дека проектот е клучен за обезбедување стабилно снабдување со гас, особено во време на пораст на цените на енергенсите.