Кога ќе кажеш „добар живот“, различни луѓе имаат различна претстава за тоа – вели индискиот ценет гуру Садгуру како одговор на прашањето „како да се живее добар живот“. .

За некого, добар живот значи одреден вид куќа, одредено семејство, одреден автомобил. Тоа му е многу важно. Или мотор. Или било што друго.

Значи, зошто ги собираме сите тие нешта? За некој друг, пак, тоа може да биде религиозна практика или стремеж да оди во рајот, или нешто слично. Но, во суштина, секое човечко суштество бара пријатност во своето доживување на животот.

Можеби сме зборувале за ова и претходно, но дозволи ми повторно да се навратам. Види, ако твоето тело е во добра состојба, тоа го нарекуваме здравје. Го сакаш тоа? Го прашува Садгуру водителот Луис Хоус. Еве како тече понатму разговорот:

Луис Хоус: Апсолутно.

Садгуру: Треба да кажеш „да“. Не на мене, туку на секоја клетка во твоето тело.

Луис Хоус: Да.

Садгуру: Тоа е многу важно.

Луис Хоус: Тие те слушаат.

Садгуру: Да. Ако им зборуваш погрешни работи, тие ќе прават погрешни работи.

Значи, пријатноста на телото ја нарекуваме здравје. Ако стане многу пријатно, тоа го нарекуваме задоволство.

Луис Хоус: Да, апсолутно.

Садгуру: Пријатноста на умот ја нарекуваме мир. Кога ќе стане многу пријатна, ја нарекуваме радост. Пријатноста на емоциите ја нарекуваме љубов. Кога ќе стане многу пријатна, ја нарекуваме сочувство. Ако самата твоја животна енергија стане пријатна, тоа го нарекуваме блаженство. Ако стане уште попријатна, ја нарекуваме екстаза. Кога твоето опкружување ќе стане пријатно, тоа го нарекуваме успех. Но, за да создадеме пријатност во нашето опкружување, ни е потребна соработката на многу луѓе и многу различни сили околу нас. Тоа е вештина. Треба да научиш како да ги усогласиш сите тие нешта за да создадеш пријатно опкружување. Но, пријатноста на телото, умот, емоциите и енергијата е 100% твоја работа. Токму таа работа, да бидеш пријатен одвнатре, е нешто што огромното мнозинство луѓе го заборавиле.

Луис Хоус: Зошто го заборавиле?

Садгуру: Затоа што заборавиле дека се смртни. Кога велам „смртност“, мислам дека имаш ограничено време и ограничена количина енергија.

Времето е немилосрдно. За сите нас тече со исто темпо. Без разлика дали си среќен, тече. Дали си несреќен, тече. Дали си успешен, тече. Дали си неуспешен, тече. Дали си буден или спиеш, тече.

Што и да правиш, времето продолжува. Немаш сопирачки за него, ниту можеш да го вратиш назад. Само немилосрдно продолжува.

Додека седиме овде, во последните пет минути и двајцата сме се доближиле до своите гробови за уште пет минути.

Таква е природата на животот.

Ако секој миг си свесен дека си смртен, тогаш ќе знаеш како да го извлечеш најдоброто од сè.

Пред сè, нема да имаш време да правиш работи до кои воопшто не ти е грижа.

Ако ти навистина го правиш она што ти е важно, а и јас искрено го правам она што ми е важно, ќе видиш дека твојот живот ќе биде прекрасен. Мојот живот ќе биде прекрасен. И светот ќе биде прекрасно место.

Во моментов, премногу луѓе прават работи за кои воопшто не им е грижа. Затоа што некој друг прави нешто, па тие чувствуваат дека мора да бидат за или против тоа. Или мора да го следат, или мора да го победат.

Таа бесмислица ги оддалечи луѓето од суштината, затоа што не се свесни за својата смртност.

Развојот на човечкиот мозок и интелект е релативно ново случување. Можеби пред 100.000 години, можеби пред 250.000 години, не го знам точниот период, но е прилично неодамнешен.

Сè уште не сме научиле како правилно да се справуваме со сопствената интелигенција.

Можеш да кажеш што сакаш, но суштината е дека луѓето денес страдаат затоа што нивната сопствена интелигенција се свртела против нив.

Тоа можеш да го наречеш стрес, анксиозност, депресија или како и да сакаш.

Разговарав со некои од најдобрите психијатри во Обединетото Кралство, и ми рекоа дека постојат 72 различни видови ментални нарушувања. Се изненадив. Мислев дека има можеби половина дузина.

Луис Хоус: 72?

Садгуру: Да, 72. Ги прашав кои се тие 72? Почнаа да ми набројуваат. Едно нешто ми остана во сеќавање, изгледа дека компулсивното чепкање во нос е едно од тие нарушувања. Луѓето почнуваат да крварат од носот, но не можат да престанат. Значи, она што денес го мачи човекот е неговата сопствена интелигенција. Ако имаше мозок како дождовен црв, ќе беше прилично мирен. И ќе беше еколошки многу подобар, што луѓето во Калифорнија многу се трудат да го постигнат. Проблемот е што преминот од мајмун кон човек се случил премногу брзо. Според научниците кои ја проучуваат ДНК, разликата меѓу тебе и шимпанзо е само 1,23%.

Луис Хоус: 1,23% не е многу, нели?

Садгуру: Не е. Физиолошки, толку сте блиски со шимпанзото. Но, во однос на интелигенцијата и свесноста, разликата е огромна.

Имаш интелигенција за која твојата физиологија и хемија сè уште немаат доволно стабилна основа. Постојано осцилираш.

Ако не ја стабилизираш таа основа, интелигенцијата ќе се сврти против тебе.

Токму тоа го гледаме денес.

А една од најважните причини поради кои интелигенцијата се врти против нас е тоа што заборавивме дека сме смртни.

Во Индија е многу вообичаено уште од детството децата да се носат на кремиралишта за да видат дека луѓето умираат.

Секој треба да знае дека еден ден ќе умре.

Овде тоа се прикрива. Дури и кога човекот е мртов, го облекуваат во одело и вратоврска, како да оди некаде.

Како да оди на забава.

Навистина, многу луѓе така и го опишуваат: „Оди на голема забава. Сите негови пријатели и роднини го чекаат таму.“

Ако таму навистина има толку голема забава, тогаш зошто вие не сте заминале први?

Ако постои таква забава, треба вие први да одите. Зошто мене ми велите да одам?

Бајките и фантазиите ги натерале луѓето да градат замоци во облаците, нешта што не се вистинити.

Можеби тие приказни ќе ти помогнат да го поминеш обичниот ден. Но, кога ќе дојде мигот на смртта, човекот останува преплашен.

Луис Хоус: Каков е односот кон смртта во Индија? Рече дека уште како деца почесто сте изложени на тоа. Каков е пристапот?

Садгуру: Ние не ја криеме смртта. Полека, во големите градови, и ние почнуваме да ги прифаќаме западните навики. Но, традиционално, луѓето се кремираат и целото семејство оди таму и присуствува.

Луис Хоус: Го гледаат тоа? Целото семејство?

Садгуру: Да. Ако сакаш да тргнеш по духовен пат, првото нешто што треба да го направиш е да одиш и да седиш на кремиралиште и да набљудуваш. Затоа што духовен не стануваш кога размислуваш за Бог. Духовен стануваш кога ќе сфатиш дека си смртен. Кога ќе сфатиш дека еден ден ќе дојде крајот, сосема природно почнуваш да се прашуваш: Од каде дојдов? Каде ќе одам? Која е природата на мојот живот?