Јелена Станивуковиќ е мастер по клиничка психологија, КБТ-психотерапевт и коосновач на Институтот „Бјутифул мајндс“ (Beautiful Minds), која стекна огромна популарност во Србија и регионот благодарение на нејзиниот специфичен, практичен пристап кон менталното здравје. Нејзините едукативни видеа и куси ставови на социјалните мрежи секојдневно бројат стотици илјади прегледи уривајќи ги табуата за психотерапијата преку едноставен, но стручен јазик. Во првиот дел од ова ексклузивно интервју за МИА, Станивуковиќ испраќа драгоцени пораки за соочувањето со балканската апатија потсетувајќи нè дека во тешките моменти мора да избереме барем еден мал чекор за да не дозволиме „тагата да стане целата вистина за нашиот живот“. Таа советува дека емоционалната интелигенција мора да се вежба уште во семејниот дом преку прифаќање на непријатноста бидејќи таа е природен емоционален сигнал, кој нè учи на вистинска отпорност.
Во продолжение нејзините стручни совети за балканската апатија, границата помеѓу безволноста и клиничката депресија и зошто со презаштитување на децата им го слабееме „психолошкиот мускул“.

Тага, апатија и ментално здравје
Кога кај еден човек ќе се појават тага и апатија, дали тоа веќе е патологија која мора да се лекува или е само нормална фаза во животот? Како самите да си помогнеме во тие моменти?
– Тагата сама по себе не е патологија. Таа е нормална човечка емоција и честопати здрав одговор на загуба, разочарување, исцрпеност или промена во животот што не сме ја посакувале. Проблемот настанува тогаш кога секоја непријатна емоција веднаш почнуваме да ја толкуваме како знак дека нешто не е во ред со нас. Не е секоја тага депресија, не е секоја апатија сигнал за болест и не е секој пад на енергијата причина за паника.
Сепак, важно е да се обрне внимание на траењето, интензитетот и на последиците врз секојдневниот живот. Ако едно лице е тажно, повлечено или безволно неколку дена, тоа може да биде нормална фаза. Но, ако со недели нема интерес за работите што претходно му биле важни, се повлекува од односите со луѓето, не може да работи, спие премногу малку или премногу многу, чувствува безнадежност, вина, празнина или мисли дека животот нема смисла, тогаш е важно да побара стручна помош.
Во моментите на тага најважно е да не бидеме дополнително сурови кон себе. Првата помош е да си дозволиме да бидеме луѓе, а не машини, односно да прифатиме дека имаме право да бидеме тажни. Но да се прифати тагата не значи целосно да ѝ се препуштиме. Треба да научиме да ги слушаме емоциите, но не и слепо да ги следиме. Секоја емоција нешто ни порачува: ни кажува дека некоја наша потреба, вредност или граница е допрена, повредена или незадоволена. Тагата често нè известува дека нешто сме изгубиле, дека нешто ни недостига, дека ни е потребна утеха, одмор, поврзување или понежен однос кон самите себе.
Затоа е важно да се запрашаме: од каде доаѓа оваа тага, што ми зборува и што ми е сега навистина потребно? Но исто така е важно да провериме и на што нè наведува таа емоција. Кога сме тажни, често имаме нагон да се осамиме, да се повлечеме и дополнително да се убедиме себеси дека сè е тешко или безнадежно. А тоа понекогаш не ни помага, туку уште подлабоко нè вовлекува во состојбата од која се обидуваме да излеземе.
И кога не можеме веднаш да ја промениме емоцијата, можеме да го избереме следниот мал чекор: да станеме, да се истушираме, да каснеме нешто, да излеземе во кратка прошетка, да запишеме што нè боли или да ѝ се јавиме на некоја личност од доверба. Можеме истовремено да бидеме тажни поради некој немил настан и да препознаеме дека во нашиот живот сепак постои и нешто што не е тажно: пријател што нè сака, член на семејството кој е тука за нас, тело за кое можеме да се грижиме или мал дел од денот кој можеме да го уредиме. Тоа не ја поништува тагата, но спречува таа да стане целата вистина за нашиот живот.

Која е границата кога обичната демотивираност преминува во клиничка депресија? Во кој момент семејството мора да реагира и да побара стручна помош?
– Границата е во траењето, интензитетот и во последиците врз функционирањето на личноста. Сите луѓе понекогаш имаат периоди кога не им се работи, кога им е од сè преку глава или кога им е тешко и да се помрднат. Но, кај депресијата не зборуваме само за слаба волја, демотивираност или лошо расположение. Депресијата го менува начинот на кој личноста се гледа себеси, другите луѓе, иднината и сопствените можности.
Во клиничка смисла, на депресија најчесто се сомневаме кога падот на расположението или губењето на интересот и задоволството траат најмалку две недели, поголемиот дел од денот, речиси секој ден, и кога се придружени со други симптоми: нарушување на сонот, промени во апетитот или телесната тежина, изразен замор, успореност или немир, чувство на безвредност или претерана вина, тешкотии со концентрацијата и донесувањето одлуки, како и мисли за смрт или самоповредување. Важно е да се нагласи дека дијагнозата не ја поставуваме самите себе врз основа на список со симптоми, но овие знаци ни кажуваат кога е време да побараме стручна процена.
Семејството треба да реагира кога ќе забележи дека личноста подолго време не е своја, дека се повлекува, губи интерес, ги запоставува обврските, не ужива во работите што претходно ѝ причинувале задоволство, изгледа празно, безнадежно, постојано уморно или изразено раздразливо. Особено е важно веднаш да се реагира ако личноста зборува дека нема смисла да се живее, дека на сите би им било полесно без неа, дека им е товар на другите или ако на кој било начин споменува самоповредување или смрт.

Најважно е семејството да не настапува со критика и притисок. Речениците како „тргни се“, „имаш сè, што ти недостига“ или „на другите им е полошо“ најчесто не помагаат. Многу покорисно е да се каже: „Гледам дека ти е тешко. Не мораш да поминуваш низ ова сам/а. Ајде заедно да побараме помош“.
Лекции за родителите во односот со децата
Во Вашите настапи често велите дека емоционалната интелигенција треба да се учи во училиштата. Кои се двете клучни лекции што едно десетгодишно дете мора да ги научи дома за да изгради емоционална отпорност?
– Првата лекција е дека сите емоции се човечки и нормални, па затоа детето треба да научи дека не постојат добри и лоши емоции во смисла дека некои смее, а некои не смее да ги чувствува. Лутината, тагата, стравот, љубомората, срамот, разочарувањето – сите тие се емоции што му припаѓаат на човечкото искуство. Разликата ја прави начинот на кој се справуваме со нив.
Затоа е важно детето да научи да препознае што чувствува и зошто го чувствува тоа. Да умее да каже: „Лут/а сум затоа што ова ми беше важно“, „Тажен/на сум затоа што не успеав во нешто“, „Уплашен/а сум затоа што не знам што ќе се случи“. Кога детето знае да ја именува емоцијата, тоа веќе го прави првиот чекор кон управувањето со неа наместо емоцијата да управува со него.
Следниот чекор е да научи како може да ја изрази таа емоција. Лутината е дозволена, но удирањето, навредувањето и понижувањето не се. Тагата е дозволена, но детето треба да знае дека може да побара утеха, прегратка или разговор. Стравот е дозволен, но може да научи да побара поддршка, да постави прашање, полека да го проба она од што се плаши. Со други зборови, емоционалната интелигенција почнува тогаш кога детето ќе сфати: имам право да чувствувам, но учам како да се однесувам со тоа што го чувствувам.
Втората лекција е дека непријатноста е составен дел од животот. Многу деца денес растат во атмосфера во која родителите од најдобра намера се обидуваат да им ја отстранат секоја фрустрација, досада, неуспех, чекање, критика или разочарување. Но, детето што никогаш нема да научи да поднесе „не“, пораз, чекање или непријатност, подоцна станува возрасна личност која се крши пред нормалните животни фрустрации.
Затоа детето треба да научи дека може да биде незадоволно и да го преживее тоа. Дека може да згреши и да учи од тоа. Дека може да не го добие веднаш она што го сака и дека тоа не значи оти не е сакано. Љубовта кон детето не значи да му го олесните секој момент, туку да бидете со него додека учи дека може да го издржи и она што не му е пријатно.
Како да му дозволиме на детето да почувствува природна фрустрација и неуспех, а притоа како родители не чувствуваме вина дека сме потфрлиле?
– Родителите честопати се токму оние што не може да ја поднесат детската фрустрација, па парадоксално, од најдобра намера, ги одгледуваат децата така што им го ослабуваат капацитетот за издржување на непријатноста. Тоа се случува кога постојано се обидуваме да го спасиме детето од секоја неудобност. Ако детето плаче, веднаш мислиме дека мораме да го утешиме, често и со реченици што не се точни, како, на пример: „Не е тоа ништо“. Ако е разочарано, мислиме дека мораме итно да му го поправиме расположението. Но родителската задача не е детето постојано да биде среќно. Тоа е невозможна и нездрава цел. Задачата на родителот е постепено да го оспособи детето за живот.
На детето треба да му се дозволи да биде фрустрирано, но не треба да се остави само во таа фрустрација. Не е исто да се каже: „Престани да плачеш, не е тоа ништо“ и да се каже: „Знам дека ти е тешко што не успеа. Разбирам дека си разочаран. Ајде да видиме што можеш да научиш од ова“. Во првиот случај детето учи дека неговите емоции не се прифатливи. Во вториот случај учи дека емоциите се прифатливи, но дека неуспехот не е крај на светот.
Детето што никогаш не било фрустрирано нема да биде благодарно, туку нецелосно подготвено за животот. Здравата фрустрација е како психолошки мускул – ако никогаш не се користи, не се развива. Затоа, добрата родителска поддршка не значи да ја отстраниме секоја пречка, туку да бидеме доволно блиску додека детето учи дека прeчките може да ги преживее, разбере и совлада. ма/дј
(Продолжува: Утре на МИА прочитајте го вториот дел од интервјуто во кое Станивуковиќ зборува за машко-женските односи во бракот, правилото од 90 секунди во кавгите и опасностите од лепењето дијагнози на социјалните мрежи).




