Лидерите на Европската унија не успеаја да постигнат значаен напредок во надминување на разликите околу прашањата за миграцијата за време на синоќешните разговори во австрискиот град Салцбург.
Единствено за што се договорија е дека Унијата треба тесно да соработува со Египет по ова прашање, соопштија рано утринава учесници на самитот. Исто така била изразена поддршка за разговори меѓу ЕУ и Египет и за самит посветен на соработката во врска со мигрантите и економската соработка, кој би можело да се одржи во февруари во Египет. Туск ќе ги претстави овие идеи на египетскиот претседател Фатах ас Сиси, со кого наскоро ќе се сретне во Њујорк.
Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер за ДПА изјави дека земјите-членки не постигнале доволно компромиси на првиот ден од неформалниот самит. Италија, Австрија и неколку земји од Централна Европа тврдат дека единствениот начин да се спречи илегалната миграција е да се зајакнат надворешните граници на ЕУ. Во исто време, тие ги отфрлаат сите обиди за прераспределба на барателите на азил во рамките на Унијата.
Други влади сакаат да се реши овој проблем стравувајќи дека тој ќе им помогне на популистичките партии да освојат значителен број гласови на изборите за Европскиот парламент следната година.
Некои земји се противат на плановите за проширување на мандатот и персоналот на Фронтекс, агенцијата за обезбедување на надворешните граници на ЕУ.
– Дискусијата за внатрешните аспекти на миграцијата потврди дека разликите остануваат, изјави извор од ЕУ во врска со разговорите што се воделе на синоќешната лидерска вечера.
Разговорите ќе продолжат и денеска.
При доаѓањето на вечерата, Јункер повторно повика на солидарност во Европа, додавајќи дека оние кои одбиваат да ги прифатат бегалците мора да го делат тој товар на други начини.