Овие работи се луди, тоа се вистински закани од претседателката на ЕК, Урслула фон дер Лајен, се вели во реакцијата на поранешниот италијански вицепремиер и лидер на партијата Лига, Матео Салвини.

– Ќе видиме како ќе оди гласањето во Италија, имаме алатки да интервенираме како за Полска и Унгарија, ја цитира Салвини пораката од Фон дер Лајен во врска со изборите во Италија.

Во одговорот, Салвини наведува:

– Сакам Европа која ги штити граѓаните и работниците, која ја штити демократијата и го почитува слободниот глас на Италијанците. И ова не е тоа. Да живее Италија слободна, силна и суверена, и одговара Салвини на Фон дер Лајен.

Претходно денеска претседателката на ЕК Фон дер Лајен ја предупреди Италија на последиците доколку отстапи од демократските принципи, упатувајќи закана пред изборите во кои се очекува да победи десничарскиот блок предводен од Џорџија Мелони, пренесе Ројтерс.

Коментарите ја истакнаа загриженоста во некои европски престолнини за претстојните избори и сугерираат дека односите меѓу Брисел и Рим би можеле да станат турбулентни доколку Мелони и нејзините партнери обезбедат победа.

– Мојот пристап е дека која било демократска влада е подготвена да работи со нас, ние работиме заедно, изјави Фон дер Лајен на Универзитетот Принстон во САД, одговарајќи на прашањето дали има некаква загриженост во врска со претстојните избори во Италија.

Таа се закани „ако работите тргнат во тешка насока, како во Унгарија и Полска, имаме алатки“.