Не може Франција и Германија сами да ја креираат миграциската политика, без да се усогласат со барањата на најзасегнатите земји од миграцијата, како Италија и Малта, напиша италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини во писмото до францускиот колега Кристоф Кастанер.
– Доста е веќе со решенија кои се носат само во Париз и Берлин. Италија веќе не сака да ги прифаќа сите мигранти кои пристигнуваат во Европа, напиша денеска Салвини на Фејсбук, како дополнување на испратеното писмо до Кастанер.
Тој смета дека „Франција и Германија не можат да ја креираат миграциската политика без да се усогласат со барањата на земјите, кои се најзасегнати, како Италија и Малта“.
Во писмото Савини тврди дека на средбата во Хелсинки на министрите за внатрешни работи од земјите членки на ЕУ, повеќето министри имале сличен став со Италија околу прашањата за миграциската политика, меѓу кои неопходноста од заштита на надворешните граници на Унијата и на Шенген зоната.
На средбата во Хелсинки, Италија и Малта предложија текст, со кој се предвидува создавање центри за времен престој и идентификување на мигранти во земјите, кои се соседни на оние од каде тие тргнале.
Во Париз утре ќе се одржи нова средба на министрите за внатрешни работи од земјите на ЕУ.