Италијанскиот десничарски популистички лидер Матео Салвини изјави денеска дека европските избори креирале „нова географија“ на антиелитното расположение во ЕУ.
Салвини сега се бори да формира блок партии кои ќе се обединат околу евроскептичната, антимигрантската и анти-исламската платформа. Групата Европа на народи и слободи, во која е и „Лига“ на Салвини, освен сегашните осум члена, по приклучувањето на крајно десничарските пратеници од Франција, Германија и Холандија може да има 58 пратеници.
Во таа група, доминантни ќе бидат 28 пратеници од Лига и 22 од редовите на партијата на Марин ле Пен. Европските медиуми наведуваат дека Салвини сега се обидува во своите редови да ги вброи и евроскептичните пратеници избрани во Полска, Унгарија и Велика Британија, во надеж дека таа група ќе има од 100 до 150 пратеници во Европскиот парламент кој има вкупно 751 место.
Сепак, засега нема најави дека лидерите на другите популистички партии ќе одговорат на повикот на Салвини.
Лидерот на британската партија „Брегзит“ Најџел Фараж не сака сојузи во политичката унија која планира да ја напушти, додека полската партија Закон и правда не гледа со наклоност на симпатиите на Салвини и Ле Пен кон Русија. Исто така, ни унгарскиот лидер Виктор Орбан не покажува знаци дека ќе ја напушти Европската народна партија (ЕПП), иако неговата Фидес е суспендирана од таа група поради загриженоста дека унгарскиот лидер ја поткопува демократијата во неговата држава.
Салвини најави дека ќе се обиде да ги доведе и партиите од Чешка, Шведска и Шпанија, откако прими предизборни ветувања од финската Вистински Финци и Данската народна партија.
Но, аналитичарите посочуваат дека без оглед дали таа група ќе дојде до бројката од 150 пратеници, сепак нема да може да прави законски измени, со оглед дека се далеку од мнозинство во Европарламентот.