Лидерот на италијанската десничарска Лига, Матео Салвини, изјави дека неговата партија е подготвена за сојуз со партијата Форца Италија на поранешниот премиер Силвио Берлускони.

Со ова тој најави коалиција на десниот центар за можните вонредни парламентарни избори.

-Следните часови ќе се видам со Берлускони и со Џорџа Мелони ( лидерка на крајнодесничарската партија Браќа Италија) , рече Салвини за весникот „Ил Џорнале“ што е во сопственост на семејството Берлускони.

Тој кажа и дека ќе „предложи договор“ што ќе биде поширок од спектарот на десниот центар. Во коалицијата би можеле да влезат и таканаречените граѓански листи ориентирани кон локалните избирачи, пренесува порталот Политико.

Лигата на Салвини недомана соопшти дека се распадна коалицијата со Движењето пет ѕвезди и најави дека до Сенатот ќе упати предлог за изгласување недоверба на владата. Но, италијанскиот Парламент во моментов е на летна пауза, па од претседателот на Сенатот зависи дали ќе свика седница на законодавниот дом.