Европа брзо се менува во однос на своите приоритети – Тереза Меј ќе мора да почека за забрзување на договорот за Брегзитот, зашто членките на ЕУ имаат многу поголеми главоболки со мигрантите, а потоа и со еврозоната.

Европските лидери и порачаа на британската премиерка Тереза Меј првин да си ги среди работите во својот кабинет, оти половина од нив го кочат процесот, а потоа да седнат и сериозно да договорат каков ќе биде нивниот однос по Брегизтот.

Од друга страна, пак, ЕУ лидерите водеа рововска битка за проблемот со мигрантите. Договорот е постигнат во рани зори откако италијанскиот премиер Ѓузепе Конте кажа дека неговата земја „повеќе не е сама“ во ставањето рамо за одговорноста кон мигрантската криза.

Конте, кој ја предводи анти-имигрантската влада во Рим, стави вето на заедничките заклучоци за целата агенда на самитот во Брисел се додека неговите барања не беа исполнети некаде пред зори, јавија агенциите.

„Денес Италија не е сама. Задоволни сме“, рече Конте, поранешен професор по право, по деветчасовните раговори нарекувајќи ги „жолчни“.

Договорот на 28-те лидери е да се изградат „прифатни платформи“ надвор од ЕУ, најверојатно во северна Африка, во обид да се демотивираат економските мигранти да се качуваат на шверцерските бродови. ЕУ земјите, исто така, можат на доброволна основа да поставуваат центри за процесуирање на мигрнатите каде ќе се одредува дали тие се економски мигранти или бегалци.

Во заклучоците од самитот се повикуваат членките да преземат „неопходни“ чекори за запирање на мигрантите кои првин доаѓаат во Грција или во Италија, а потоа сакаат да продолжат кон Германија.

Канцеларката Ангела Меркел го поздрави договорот, но нејзе сега је чека битка на домашен терен, а сериозни резерви изнесоа Полска и Унгарија.

Заев: ЕУ не бара бегалски кампови, но Македонија може да помогне

Премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и по вчерашните средби во ЕУ појасни дека ЕУ од Македонија не побарала бегалски кампови, но дека Македонија е подготвена да и помогне на Унијата доколку се појави нова миграциска криза.

– Нема никакви разговори, никој не барал од Македонја бегалски камп. Уште еднаш да напоменеме, Македонија ги следи политиките на ЕУ и НАТО затоа што гледаме дека ќе бидеме членки. Затоа, во координација со нив, во делот на евентуални нови бегалски кризи заедно како и што досега делувавме од 2015, така и сега ќе продолжиме, но никој не барал од Македонија нешто посебно околу бегалски кампови или слично, изјави Заев на новинарско прашање.