Декемврискиот Самит на ЕУ почнува попладнево, а дневниот ред е променет во последен момент откако британската премиерка Тереза Меј го откажа гласањето за Договорот за Брегзит на 10 декември.
Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск информираше дека поради новонастанатата ситуација во Обединетото Кралство, тој свикува специјален состанок за Брегзит. Премиерката Меј, пак, е повикана да ги брифира другите шефови на држави и влади денеска по крајот на првата работна сесија.
Потоа 27-те останати земји членки ќе се состанат без Тереза Меј за да разговараат како можат да го олеснат ратификувањето на Договорот за Брегзит во британскиот Парламент.
Британскиот парламент требаше да гласа на 11 декември за спогодбата склучена со ЕУ кон крајот на ноември, но Меј одлучи да го одложи гласањето, стравувајќи дека нема доволно мнозинство за поддршка. Голем број британски пратеници од сите партии се незадоволни од склучениот договор, пред се поради решението за ирската граница. Ова решение предвидува Северна Ирска да остане поблиска до европските пазарни стандарди за да се избегне физичка граница со Република Ирска. Ирското прашање е едно од најтрнливите во овие преговори, и унионистичката ирска партија, клучен коалициски партнер на Меј, одбива да биде одвоен од остатокот од Велика Британија на било кој начин.
Лидерите на ЕУ повеќе пати повторија дека постигнатиот договор за Брегзит не може повторно да се разгледува. Според дипломатски извори во Брисел единствено што може да се постигне се „козметички промени“ за да се задоволат потврдите поддржувачи на Брегзит.
-Сите прашања за повлекувањето се покриени со договорот, вклучително и правата на ЕУ граѓаните кои живеат во Обединетото кралство и обратно, транзицискиот период, финанскиот договор, велат високи дипломатски извори и додаваат дека е најдено „законско решение за да се избегне враќање на тврда граница на ирскиот остров“.
Лондон треба да ја напушти ЕУ на 29 март 2019 и до тогаш треба да се постигне договор за британското повлекување, со цел разводот да биде колку е можно поуреден и да не предизвика проблеми. Сепак, предупреди претседателот на Европскиот Совет, земјите членки треба да се подготват за Брегзит без договор, најнепосакуваното сценарио.
Освен Брегзит, шефовите на држави и влади ќе разговараат и за Украина и кризата во Азовското Море со Русија, но не се очекуваат нови санкции против Москва.
На дневен ред се и миграцијата, финансиските прашања, климатските промени, борбата против расизмот и ксенофобијата, одбраната како и борбата против дезинформациите.
В петок ќе се одржи “Евро Самит“ односно состанок за еврозоната, но во инклузивен формат, односно со земјите членки кои не се дел од оваа зона. Лидерите треба да разговараат за реформата на европската економска и монетарна унија и етаблирањето буџет за еврозоната, тема околу која постојат се уште големи несогласувања.