Беззаконието во државата е главна одлика на криминалната власт СДС и ДУИ. Заштитата на криминалот и корупцијата доаѓа директно од првиот човек во МВР, Оливер Спасовски, се вели во партиското соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
-Колку и да се обидува да го сокрие скандалот со дивеењето со автомобил на синот на неговиот заменик, Назим Буши од ДУИ, доказите и сведоците потврдуваат дека во целиот случај вмешани се највисоките структури во МВР. Доказите потврдуваат дека возило, мерцедес со скопски регистарски таблички било запрено од страна на полициски службеници, заради возење со голема брзина. Истото тоа возило, во сопственост на битолска фирма, при обидот за контрола, возилото било со вклучени флешери. Веднаш по запирањето на возилото, по бркотницата низ скопските улици, висок функционер од МВР барал од полициските службеници, веднаш да запре контролата врз возилото и истото да биде пуштено. Функционерот кој вршел притисок врз полициските службеници е Вулнет Аземи, помошник началник на СВР Скопје. МВР на Спасовски се обиде да го заташка овој случај, со тоа што објавија дека ова возило го возел сосема друго лице, а доказите говорат дека возач бил токму синот на заменик министерот Буши, Керим Буши. Токму за тоа и помошник началникот на СВР Скопје, ги натерал полициските службеници да го пуштат возилото, бидејќи возач е синот на заменик министерот за внатрешни работи Назим Буши. Спасовски не одговори дали фирмата која е сопственик на возилото мерцедес е во сопственост на блиски роднина на Назим Буши. Бидејќи Оливер Спасовски и МВР не одговори на прашањата кои ги интересира македонската јавност, денес на прес конференција ќе објавиме нови детали околу овој случај, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Овој скандал мора да биде целосно разоткриен, и сите вмешани во овој случај да одговараат, додаваат од опозициската партија.