Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска најави дека неговата земја и Германија ќе бидат меѓу првите земји членки на Европската унија со план за вакцинација на населението од коронавирус.

Планот во вторник треба да го потврди владата во Мадрид и потоа да биде презентиран пред јавноста.

Првите пациенти треба да се вакцинираат од јануари до март.

-Значителен дел од населението ќе биде вакциниран, изјави Санчез денеска за време на презентацијата на планот за економско закрепнување на земјата, но не го прецизираше бројот на вакцини што владата има намера да ги купи.

Санчез додаде дека ЕУ потпишала три договори со фармацевтските компании „АстраЗенека“, „Санофи“, „Јансен“ и „БиоНтек/ Фајзер“ за снабдување на милијарда дози вакцина, а оваа  бројка може да се зголеми.

Според него, се очекува потпишување на договор и со компанијата „КјурВак“ и дека во напредна фаза се и преговорите со „Модерна“ за испорака на дополнителни 400 милиони дози вакцини.

Шпанија треба да добие 10 проценти од договорените вакцини.

-Работиме на тоа што поскоро вакцините да ги направиме достапни за сите, истакна Санчез.

„Иако на хоризонотот има надеж, не смееме да се опуштиме, бидејќи пред нас се тешки месеци“, додаде тој.