Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска постигнаа политички договор за првиот пакет санкции против Русија, кој ќе биде многу болен за Русија, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

– Овие санкции ќе бидат многу болни за Русија, рече Борел по вонредниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Париз.

– Постигнавме едногласен договор за првиот пакет санкции, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан.

– Санкциите немаат чудесен ефект, но се економски болни, а исто така се болни и за луѓето против кои се насочени, рече Борел.

Политичкиот договор за санкции, кој допрва треба да биде формално ратификуван за да стане закон, е одговор на ЕУ на руското признавање на сепаратистичките украински територии Доњецк и Луганск, чија независност беше прогласена од руските сепаратисти.

Се воведуваат санкции против 351 член на руската Дума и 27 физички и правни лица кои придонеле за загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина, вклучувајќи ги и руски банки кои финансирале руска војска и други операции на тие територии.

– Ова е јасен одговор на руските прекршувања на меѓународното право. Санкциите се директно насочени кон поединците и компаниите вклучени во овие акции. Целта се банките кои го финансираат рускиот воен апарат и придонесуваат за дестабилизација на Украина. Ние, исто така, ја забрануваме трговијата меѓу двата отцепени региони и ЕУ – како што направивме по нелегалната анексија на Крим во 2014 година. И конечно, ја ограничуваме способноста на руската Влада да собира капитал на финансиските пазари на ЕУ. Ќе му отежнеме на Кремљ да води агресивна политика, изјави претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лејен.

Таа ја оцени како правилна одлуката на германската Влада да ја замрзне процедурата за издавање дозвола за работа на гасоводот Северен тек 2, кој директно ја поврзува Русија со Германија под Балтичкото Море.

– Северен тек 2 треба да се оценува во светлината на безбедноста на снабдувањето со енергија за цела Европа, бидејќи оваа криза покажува дека Европа сè уште е премногу зависна од рускиот гас, додаде фон дер Лајен.

Ова е првиот пакет санкции, а Западот држи во резерва посилни санкции доколку кризата дополнително ескалира, коментираат познавачите на состојбите.

Пет руски банки се на списокот со санкции кои сега се договорени, но само една од нив е од системска важност.