Шефот на Делегацијата на ЕУ во БиХ, Јохан Сатлер, денеска ја осуди одлуката на Парламентот на Република Српска да повика на оставка на единствениот српски судија во државниот Уставен суд, предупредувајќи дека тоа е уште еден чекор што води кон ескалација на кризата во земјата, и дефинитивно е спротивен на аспирациите за членство во ЕУ.
„Сè што гледаме од минатата година се чекори кои водат кон ескалација (на кризата)“, рече Сатлер за новинарите во Сараево, каде учествуваше на конференција посветена на функционирањето на судството во Босна и Херцеговина.
Националното собрание на Република Српска вчера со гласовите на владејачкото мнозинство, предводено од Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) на Милорад Додик и бојкотиран од опозицијата, го повика уставниот судија Златко Кнежевиќ да поднесе оставка.
Додик со години критикува бројни пресуди на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, а властите на Република Српска одбиваат да ги спроведат, бидејќи не се задоволни со нив. Со принудувањето на судијата Кнежевиќ да поднесе оставка, сакаат да испратат порака дека тој суд нема легитимитет, бидејќи ќе донесува одлуки без Србите.