Саудиска Арабија е подготвена да биде домаќин на планираната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти синоќа Министерството за надворешни работи на кралството, цитирано од ДПА.
Трамп и Путин телефонски разговараа во средата и се договорија да започнат „веднаш“ преговори за ставање крај на војната во Украина.
Саудиското Министерство за надворешни работи соопшти дека високо го цени телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин.
„Кралството ја изразува својата подготвеност да биде домаќин на самит во Саудиска Арабија и ги потврдува своите тековни напори за постигнување траен мир меѓу Русија и Украина“, објави саудиската дипломатија на Икс.
Сè уште нема конкретни детали за тоа како ќе изгледаат преговорите и кога тие би можеле официјално да започнат.